Британската пејачка Рита Ора, која е со албанско потекло, неодамна гостуваше во американскиот подкаст „Диар медиа“ (Dear Media), а кратки видеа од ова интервју се појавија на ТикТок во кои пејачката вели дека Косово, всушност некогаш ѝ припаѓало на Албанија.
„Јас сум родена во Косово. Во Албанија, добро, сега е Косово, но беше дел од Албанија. Потоа се преселив во Лондон кога имав една година…“, изјавила Рита.
Водителката на подкастот разговорот го продолжи коментирајќи дека има многу Албанки во музичката индустрија.
„Прекрасно е, кога почнав во 2012 година, немаше. Сега ги имаме Дуа Липа, Бебе Реџа и тоа е прекрасно. Мислам дека е природно да не споредуваат, особено што не нема многу низ светот. Но, ние три сме навистина различни…“, рече меѓу другото пејачката.
Тој дел од разговорот остана незабележан поради првата изјава за Косово и Албанија, па видеото предизвика бурни реакции и отвори дебата меѓу корисниците на ТикТок за историјата на Балканот.
„Косово никогаш не било дел од Албанија, но ОК“, „Се прашувам кога Косово било дел од Албанија“, „Пред да почнеш да шириш лаги прочитај нешто во историјата, те молам“, „Австрија е Словенија, доколку ја следиме логиката дека Косово е Албанија“.