Бугарскиот автомобилист Димитар Илиев, кој има и академија за безбедност во сообраќајот, за Бугарската национална телевизија (БНТ) направи реконструкција на вчерашната несреќа на автобусот на „Беса транс“, во која загинаа 45 лица.
Според неговата реконструкција, еден важен предупредувачки знак е паднат од мај, а други делови од сигнализацијата се амортизирани и во пракса не се гледаат, посебно ноќе.
Илиев алудира на големиот број проблеми кои не смеат да се одложуваат и тврди дека алармирал уште во 2019-та година: „Тоа се места каде што редовно се случуваат сериозни инциденти, често со жртви“.
Пребарувајќи по негови стари видеа од делницата, тој забележал дека во април имало предупредувачки знак за место за одмор по 500 метри.
Потоа од снимките од „Google street view“ утврдил дека тој знак исчезнал меѓу април и мај.
За да се увери лично дека го нема знакот, отишол да провери и неговите сомневања се потврдиле, знакот си лежи зад банкината и вели дека никој од мај месец досега не забележал дека го нема.
За рефлектирачките светла на банкините вели дека се распаднати и одамна ја немаат својата функција.
„Нема знак, човекот не знае, гледа три ленти и преминува во најдесната лента. Потоа му излегува знак кој е поставен неправилно, а врз него има и лепенка која дополнително пречи“, вели Илиев.