По 10-неделниот карантин во Италија повторно може да се јаде во рестораните. Но, сега тоа доживување е сосем поинакво, а тоа го потврдува и посетата на ресторанот „Пепо ал Козимато“ во популарниот римски кварт Трастевере.
Сите келнери носат маски и не носат мени. Тие љубезно ги замолуваат гостите сами да го видат менито преку интернет. Сопствениците на ресторани ги запишуваат името, телефонскиот број и адресата на гостите и ги прашуваат во каква врска се со луѓето со кои седат на маса. Ако живеат под ист покрив, не се бара да ги следат мерките за физичко растојание. Но, неколку колеги мора да седнат на маса за четири лица и тоа дијагонално.
„Се чини како нарушување на приватноста, но ние само ги почитуваме пропишаните епидемиолошки мерки за кои веруваме дека се потребни за да го заштитиме нашето здравје“, рече еден од сопствениците на ресторанот, Џузепе Русо.
Податоците за гостите се чуваат 30 дена во случај на потреба да се пребаруваат контактите на заразени со коронавирус.
„Пред ова, имавме 50 до 60 гости на ручек во работните денови. Денес имавме само шестмина“, вели Русо. Тој додаде дека вечерта може да изгледа подобро бидејќи има околу триесет резервации.
Во „Пепо“ можеле да се сместат 120 гости во предвирусните времиња, но сега, заради мерките за дистанцирање, капацитет е ограничен на 30 до 50. Бројот зависи од тоа дали гостите се членови на исто семејство, поради што им е дозволено да седат еднододруго.
Русо почитува сè што државата му наложува да направи, но тој одбива една работа – грди прегради од плексиглас меѓу гостите. „Тоа не доаѓа предвид, ручекот мора да биде задоволство!“