Во 1988 година, Мао Јин бил киднапиран кога одел дома од градинка со својот татко, на само две и пол години. 32 години подоцна со помош на полицијата ги пронајде своите биолошки родители.
Момчето било продадено на еден брачен пар без деца за 6.000 јуани (690 евра) во соседната покраина Сечуан, кои го одгледале како сопствено дете.
Тој вчера конечно ги сретна своите биолошки родители. Неговата мајка Ли Јингжи, на државната телевизија ЦЦТВ раскажа дека по исчезнувањето на нејзиниот син таа го напуштила своето работно место и безуспешно поделила над 100.000 флаери за неговото киднапирање.
Во април годинава, полицијата добила повик дека еден маж во Сечуан, за време на 1980-те години купил дете. Преку техника за препознавање на лица, негови стари фотографии од малиот Мао Јин биле споредени со националната база на податоци со фотографии и лични документи.
Тие влегле во трага на Мао Јин во Сечуан, каде тој водел продавница за внатрешно уредување. Со ДНК тест е потврдено дека е киднапираното дете. Пораснал без да знае дека бил киднапиран и сега веќе не сака да ги напушти своите биолошки родители, со нив сака да живее.
Преименуван во Гу Нингинг, бил одгледан во градот Мијанјанг, без никаква идеја дека тој бил цел на повеќедецениско пребарување.
Тој сега планира да помине неколку дена со родителите, пред да се врати дома за да се справи со импликациите во неговиот живот кој се сврти наопаку во текот на ноќта.
„Да бидам искрен, сè уште не сум сигурен за иднината“, рече тој за новинската агенција Ксинхуа.
Инаку, последните десет години кинеската полиција помогнала 6300 киднапирани деца да си ги пронајдат биолошките родители, со помош на ДНК тестови, пренесе новинската агенција „Нова Кина“.