По речиси 20 години пауза од естрадата пејачката Росана Сариќ-Тодоровска се враќа на сцената. На 34. издание на „Макфест“ што ќе се одржи на 10, 11 и 12 октомври во Штип таа ќе ја отпее песната „Спомени“ која е авторско дело на Александар Митевски. Токму овој шлагер ќе ја издвои од останатите учесници, а делото на Митевски било пресудно таа повторно да и се врати на музиката.
Во интервју за „Фокус“ Росана вели дека се двоумела за камбек, но емоциите односно „пеперутките“ кои ги почувствувала откако ја слушнала песната пресудиле за нејзината одлука.
-После толку години, на мое огромно задоволство со една мала доза на резерва ќе пеам една фантастична балада, со искрен и реален текст, каде покрај младите настапувачи и останатите жанрови ќе се обидеме да го вратиме барем малку времето на шлагерот – вели Тодоровска за „Фокус“ .
Росана за првпат јавно настапи во дует со својата сестра близначка Марјана на 17-годишна возраст. Од 1991 година започна соло кариера, а беше присутна и на фестивалските сцени, но пееше и заедно со „Четирите грации“.
Инаку, Росана моментално работи во една скопска книжарница.