Поради расправија со новинарот Миодраг Совиљ од српската телевизија Н1, на претседателот Вучиќ во петокот попладнето му се качил притисокот, добил тахикардија, по што бил примен на Воено-медицинската академија во Белград.
Новинарот, кој наводно го растревожил Вучиќ, всушност го потсетил на аферата за трговија со оружје во која, според документот од БИРН, објавен пред една година, пишува дека таткото на министерот за внатрешни Бранко Стефановиќ, бил дел од делегацијата на фирмата која ја посетила фабриката Крушик. Неговото прашање дали има судир на интереси го изнервирало Вучиќ толку многу што се довел во прединфарктна состојба.
Инаку, српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, изјави дека претседателот Александар Вучиќ бил животно загрозен но дека лекарите му го спасиле животот.
Лончар во изјавата за медиумите вели дека Вучиќ, има помали хронични проблеми со срцето, но дека во петокот дошло до сериозно влошување на неговата здравствена состојба, кога решил да им се обрати на докторите во Воено- медицинската академија (ВМА) во Белград, каде лекарите веднаш ги спровеле сите мерки за санирање на сериозната состојба, а Вучиќ, според Лончар, добро реагирал на препишаната терапија.
Сепак, во следниот период според препораките на стручните тимови во ВМА Вучиќ ќе треба да ги намали работните активности за целосно да закрепне. Српскиот претседател вчера се огласи на Твитер заблагодарувајќи им се на лекарите, и притоа порача дека веќе од утре се враќа на работа со полна енергија.