Финската премиерка во заминување Сана Марин поднесе барање за развод, заедно со нејзиниот поранешен сопруг Маркус Раиконен.
„Благодарни сме за заеднички 19 години и нашата сакана ќерка. Ќе останеме најдобри пријатели“, рекоа Марин и Раиконен во одделни објави на Инстаграм, пренесува Ројтерс.
Тие се венчаа во 2020 година додека Марин беше премиерка и се справуваше со кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот, според британската агенција.
„Заедно ја живеевме нашата младост, влеговме во зрелоста и станавме родители на нашата скапоцена ќерка“, напиша Марин на Инстаграм откако се омажи за Раиконен во август 2020 година.
Сана Марин стана најмладата премиерка на светот кога ја презеде функцијата во 2019 година, но нејзината Социјалдемократска партија загуби на парламентарните избори во Финска минатиот месец.