Најмалку шест лица се убиени во пукотница во болница во чешкиот град Острава, јавуваат медиумите. Нападот се случил утринава во 7 часот. Полицијата ја евакуирала болницата и бара маж висок 180 сантиметри, облечен во црвена јакна. На местото на нападот се наоѓаат припадници на специјалната полиција а во потрагата се вклучени и жители на Острава.
Полицијата претходно јави дека четири лица се убиени, а двајца тешко се ранети, но во меѓувреме бројот на загинати се зголеми на шест.
-Полициската интервенција се уште е во тек. За жал, во нападот животот го загубија повеќе лица. Нема да коментирам детали за тоа. Полицијата прави се што е потребно за да ја реши ситуацијата, изјави чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек за чешката јавна телевизија.
Чешките медиуми наведуваат дека пукањето се случило во една од амбулантите на болницата во Острава, град на североистокот од земјата.
Инаку, пукањето во болницата Острава е втор најтрагичен убиствен напад во историјата на земјата. Во февруари 2015 година, еден човек во ресторан во Ухерск Брод застрела осум лица, а потоа и самиот си го одзеде животот.