Австралискиот модел со хрватско потекло Луси Марковиќ почина синоќа на 27-годишна возраст, објавија австралиските медиуми. Веста за нејзината смрт беше објавена на нејзиниот инстаграм-профил.
Луси Марковиќ беше добро познато лице на австралиската и меѓународната модна сцена, соработуваше со престижната агенција Elite NYC, беше модел за „Версаче“ и работеше на кампањите на Викторија Бекам. Таа, исто така, учествуваше во популарното телевизиско шоу „Australia’s Next Top Model“.
Со години, таа храбро се бореше со сериозна болест – артериовенска малформација (AVM), заплеткување на крвни садови во мозокот што може сериозно да ги загрози мозочните функции.
„Драги пријатели и семејства, за жал мораме да ве известиме дека Луси почина. Таа почина во мир. Јас, нејзината мајка и мојата мајка бевме со неа. Во овие моменти, ве молиме да ни дадете простор, нека Луси почива во мир“, рекоа членовите на нејзиното семејство.
Нејзината модна агенција и познатата дизајнерка Донатела Версаче исто така се збогуваа со Луси.
„Таа беше како блескава светлина, со одлично чувство за хумор. Обожаваше да се смее и да танцува и многу ќе ни недостига“, изјави агенцијата Elite NYC.
„Многу ми е жал за Луси Марковиќ. Почивај во мир, прекрасно девојче“, напиша Донатела Версаче.