Велосипедистката од Нов Зеланд, Оливија Подмор која учествуваше на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година, почина во понеделникот на 24-годишна возраст.
Веста за нејзината ненадејна смрт ја потврди нејзиното семејство, како и велосипедската федерација на Нов Зеланд:
– Оливија беше човек кој го сакавме и го почитувавме. Во овој тежок момент, сакаме да им понудиме помош и поддршка на сите наши членови, особено на оние кои беа блиски до Оливија. Семејството на Оливија е во нашите мисли и ги молиме медиумите да ја почитуваат нивната приватност – рекоа од федерацијата.
Пораки со сочувство до семејството испратија и од Олимпискиот комитет на Нов Зеланд.
– Оливија го претставуваше Нов Зеланд со чест и гордост на Игрите во Рио 2016 и Игрите на Комонвелтот 2018. Таа беше ценет член на тимот и нејзината смрт е голема загуба за целата наша заедница – објавија од новозеландскиот олимписки комитет.
Детали за смртта на велосипедистката не се објавени, но е познато дека Подмор претходно објавила вознемирувачка објава на Инстаграм, која во меѓувреме беше избришана од нејзиниот профил.
Соопштението се однесуваше на големите притисоци со кои се соочуваат спортистите:
– Спортот е одлична работа за голем број луѓе. Тоа е борба, понекогаш и мачење, но исто така е одлична работа. Чувството кое го носи спортот не може да се спореди со ништо друго кога победувате, а кога губите, кога не сте избрани во тимот или кога не се квалификувате за натпреварување, кога ќе се повредиш, кога не ги исполнуваш очекувањата околу вас, кога не се венчате кога сметаат дека треба, кога не купувате куќа, кога не раѓате деца затоа што се обидувате да бидете најдобри во спортот – тоа исто така не може да се спореди со било што – пишуваше во нејзината објава.
Comments are closed.