Ранчерот и филантроп Роберт ‘Боб’ Норис, познат како заштитно лице на „Марлборо“, почина на 90-годишна возраст, пренесе „Си-ен-ен“. Тој почина во Колорадо Спрингс, Колорадо, објави компанијата „Tee Cross Ranches“ што ја основал.
Тој со неговиот маркантен изглед ја добил улогата на првиот марлборо маж на телевизија. Норис, кој според печатот никогаш не бил пушач, се појавувал во реклами 14 години.
– Никогаш не сакам да ве видам да пушите – им велел на своите деца, се додека не го прашале: „Ако сакаш да не пушиме, зошто тогаш ги снимаш рекламите?“. Тогаш Норис престанал да ги рекламира Марлборо.
Инаку, кога барале Марлборо модел, проблемот бил во тоа што никој од пријавените не знаел да јава коњ, а луѓето од компанијата сакале човекот да биде каубоец. Норис имал ранч и коњи, па им одговарал совршено за оваа улога.