Само две недели по смртта на Диего Марадона, фудбалскиот свет остана без уште една голема икона. Во 64 години од животот почина еден од најдобрите италијански фудбалери на сите времиња, легендарниот Паоло Роси.
Тажната вест ја соопшти уредникот на РАИ Спорт, Енрико Вариале.
“Ужасна вест. Не напушти Паоло Роси“, напиша Вариале и додаде:
“Незаборавниот Паблито, човекот во кој се заљубивме во летото 1982 година и кој последниве години беше драгоцен соработник на РАИ“.
Веста ја потврди сопругата на Паоло, Федерика Капелети, а сеуште не се познати причините на смртта.
Инаку, поранешниот напаѓач на Јувентус, Милан, Виченца, Перуџа, Комо и Верона, во историјата на светскиот фудбал влезе во 1982 година, кога со шест гола на Италија и ја донесе титулата светски првак. Роси беше најдобар стрелец и најдобар фудбалер на Мундијалот во Шпанија.