Славната ирска пејачка Шинеjд О’Конор почина во 57-та година од животот, објави сајтот Irishtimes. Признатата изведувачка од Даблин објави 10 студиски албуми во кариерата, а нејзината песна „Nothing Compares 2U“ беше прогласена за светски сингл број 1 на на Билборд музичките награди во 1990 година. Плочата „I Do Not Want What I Haven’t Got“ и ја донесе и наградата Греми.
Шинеjд О’Конор е родена на 8 декември во 1966 година во Даблин. О’Конор имаше тешко детство. Нејзините родители се разведоа кога имаше 8 години, а пејачката трвдеше дека била злоставувана од нејзината мајка.
Поради отсуство од училиште и кражби, на 15-годишна возраст беше префрлена во католичка институција за проблематични деца. Уште тогаш покажа талент за музика, го основа бендот „Ton Ton Macoute“, сними неколку песни и го напушти училиштето.
Нејзината кариера тргна по нагорна линија по запознавањето на менаџерот Фахтни О’Кели со чија помош го објави и деби албумот „The Lion and the Cobra“ во 1987 година.
Шинејд, која секогаш беше отворена за нејзините проблеми со менталното здравје, на почетокот на овој месец на Фејсбук напиша дека се вратила во Лондон по пауза од 23 години и оти планира да го заврши нејзиниот нов албум и да го промовира на светска турнеја во наредните три години.
О’Конор почина по 17 месеци од смртта на нејзиниот 17-годишен син Шејн кој се самоуби во јануари во 2022 година.
Пејачката која го смени името во Шухада Садакат, кога го прифати исламот во 2018 година, рече дека Шејн бил „светлото во нејзиниот живот“. Во последниот твит објави негова фотографија со порака дека тој бил љубовта на нејзиниот живот и светлост на нејзината душа и оти не се чувствува жива по неговата смрт.
Минатата година беше објавен филм за нејзиниот живот и кариера.