Скопјанката Мејрем Исмаил која на 15 октомври во Турција го оперираше желудникот за да ја намали телесната тежина, денеска почина, објави синоќа порталот Женски магазин.
Според лекарскиот извештај, Мејрем починала од срцев удар. Мејрем, која пред операцијата имаше 250 килограми, за Женски магазин ја раскажа својата тажна животна приказна.
Деновите по операцијата, таа ги помина во дом за стари лица, каде што беше сместен и нејзиниот татко. Таткото, кој пред неколку години имаше мозочен удар, сега е дома, за него се грижат неговите браќа. За да ја плати операцијата во Турција, Мејрем продаде семејна куќа.
Нејзината пријателка, Риана Ал Рамиз која ѝ беше инспирација за операцијата во Турција, вели дека се слушнале пред да почине. Таа добро се чувствувала, освен што била исплашена. Мејрем и Риана имале договор да се видат следната недела, и да испратат фотографии во нашата редакција од нејзиниот нов изглед.
„Сакам да помине барем еден месец од операцијата. Сакам да станам на нозе. Да се исфарбам, се исфенирам и нокти некој да ми стави. И таква да ме сликате. Зашто многу популарна станав“, рекла Мејрем неколку дена по оперцијата, искрено радувајќи му се на тој ден кој за жал не го дочека.
„Зборував со неа пред да почине, на камера. Сѐ беше во ред. Ме прашуваше дали банана смее да јаде. Малку плачеше, ми рече дека ѝ е страв. Секој ден таму умирале луѓе и едвај чекаше да си дојде дома. Уште не ми се верува. Се видовме два пати во животот ама се зближивме, зборувавме постојано на телефон. Жалам за нејзината тажна судбина. Се надевам дека таму горе е со мајка ѝ и е посреќна од животот што тука го живееше“, ни изјави Риана, професорката по виолина од Скопје, која пред повеќе од две години го оперираше желудникот кај д-р Гурдал Орен во Истанбул и успеа да ослабе 32 килогарми.
„Официјалниот извештај за смртта на Мејрем од македонски лекари гласи дека нема поврзаност со операцијата, кратење на желудник. Таа почина од срцев удар. Името на Мејрем , и операцијата кај Оп.Др.Гурдал Орен ниту нејзиното семејство ниту јас, ниту тимот нема да дозволи некои личности кои никогаш немале контакт со Мејрем или со нејзиното најблиско семејство да го злоупотребат нејзиното име и името на тимот поради популарност по социјалните мрежи. Мејрем имаше успешна операција – кратење на желудник, но судбина било да нѐ напушти“, додала Риана.