Во Скопје на 87-годишна возраст почина еден од најпочитуваните македонски универзитетски професори, д-р Милош Вучидолов кој има значителни заслуги за успехот на многу македонски спортисти во времето на Југославија и по нашето осамостојување.
Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1963 година, а специјализирал спортска медицина во 1977 година.
Др. Вучидолов беше и редовен професор на Факултетот за физичка култура во Скопје во периодот од 1981 до 1998 година, притоа докторирајќи на овој факултет во 1992 година, на тема: „Следење на промените на физиолошко-биохемиските варијабли во крвта во организмот на спортистите–борачи слободен стил”. Беше долги години спортски лекар на олимписките репрезентации на Југославија и Македонија во периодот од 1984 година до 2006 година.
Покрај бројните признанија и награди кои ги доби во својот живот, беше добитник и на Државната награда „8 Септември“ за животно дело.