По кусо и тешко боледување почина професорот по новинарство Томе Груевски. Тој зад себе остави бројни генерации новинари кои на социјалните мрежи веќе се простуваат од омилениот професор.
Томе Груевски е роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија.
Добиени награди и признанија: Прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје; „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа на публицистиката (1983); „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; Награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); Награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); Награда на в. „Битолски весник“ -„Најуспешни битолчани“ (2007). Во 2018 бешше прогласен и за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Во соработка со оваа установа д-р Груевски ги промовираше двете книги посветени на охриѓанецот Константин С. Шахов а на 18 март годинава д-р Груевски на покана на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Општина Охрид говореше на настанот посветен на „185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев“. Д-р Груевски беседеше на тема: „Журналистичката и публицистичка дејност на Кузман Шапкарев“. Најверојатно, за жал тоа беше и неговото последно официјално појавување и обраќање во јавноста.