Почина скопскиот боем дебармаалецот Славе Биљбиљ, а блиските на социјалните мрежи се простуваат од него.
Во август годинава наполни 77 години.
Во една своја колумна, Мојсо Мојсовски за Славе ќе напише:
Легендата од улицата „Ѓорѓија Пулески“ во срцето на Дебар Маало на мојата генерација и стана познат по „Тениско“ во Градскиот парк,врталиште на младите рамно на сегашниве кафулиња, со далеку поскромен ентериер и угостителски асортиман,но со неизмерна топлина и интимност што зрачеа на секој квадратен сантиметар од малиот како кутивче објект.Овде газдува Славе,најстариот син на Илија Кокиновски,познат скопски занаетчија-чешлар,а подоцна по природата на нештата му се придружува Васка,прекрасна жена која стави ред и поредок у „Тениско“.Тука се доаѓаше везден, стално имаше убави луѓе,да ти е мерак да поседиш на чашка муабет и мезе.Биљбиљ во џебот имаше црвен картон.Им го покажуваше на гостите што држеа цела маса, а порачуваа кока-кола или обично турско кафе(сега е македонско) се разбира и вратата-„со вакви нарачки ништо не праам,ај со здравје“.Црвен картон добиваа и постојани гости за кои ќе разбереше дека оделе и кај Стојче у Маракана или у Езерце.
Вистинско доживување беше неговото често навраќање кај Јоле и Почу откако ќе затвореше(Тениско не работеше до касно!). Им немаше крај на шегите и гласното смеење на сите,не само на тие што имаа среќа да го познаваат.Седна една вечер на масата кај што седеше Крле,прочуен гинеколог,со друштвото(подоцна ми стана зет за сестра) поседе малку и отрча до колата паркирана пред Клубот на уметниците.„Доторе“ знаеше во што е работата и си ја шмугна.Дојде Славе со телевизорче „Јуност“ со кое го прогонуваше кај ќе го види за да му го подари како знак на благодарност за успешното лекување на Васка што му ги донесе приновите во семејството.Крле не земаше рушвет-таква му беше sвездата.