Писателот Милан Кундера, кој се прослави низ светот со новелите „Неподносливата леснотија на постоењето“ и „Шега“, почина вчера на возраст од 94 години.
Романсиерот, драматург, поет и есеист од Брно беше највлијателниот чешки писател во втората половина од минатиот век. Откако поради критиките на советската инвазија врз Чехословачка беше во немилост на комунистичките власти, Кундера со сопругата во 1975 година замина во Франција и повеќе не се врати. Чехословачкото државјанство му беше одземено и сите негови дела му беа забранети откако ја објави „Книга за смеата и заборавот“, а тој го прифати француското државјанство и само неколку пати ја посети родната земја, дури и по соборувањето на комунистичкиот режим.
Токму Прашката пролет и советската инвазија се главната тема на неговиот најпознат роман „Неподносливата леснотија на постоењето“, кој го направи светска ѕвезда и имаше огромно влијание врз чешката и европската култура.