Френк Фариан, човекот зад популарните бендови „Мили Ванили“ и „Бони М“, почина на 82-годишна возраст, соопшти неговото семејство, пренесува германски „Билд“.
Легендарниот музички продуцент и пејач кој е одговорен за повеќе од 800 милиони продадени плочи, почина мирно во својот стан во Мајами, Флорида.
Фариан, кој е роден како Франц Ројтер во Кирн/Рајнланд-Фалц на 18 јули 1941 година, работел со бројни суперѕвезди во текот на неговата долга кариера, вклучувајќи ги Стиви Вондер и Мит Лаф. Тој се смета за најуспешен германски музички продуцент во странство.
Неговите најголеми успеси беа бендовите „Бони М“ – „Rivers of Babylon“, „Daddy Cool“ и со „Мили Ванили“ – „Girl You Know It’s True“.
Здравјето на Френк Фариан долго време беше сериозно ослабено. Во 2022 година, музичарот беше подложен на операција на срцето. Според неговата сопствена изјава, операцијата му го спасила животот.
Сепак, вистината беше дека Фариан по операцијата стануваше сѐ послаб. Тој драстично ослабе и на крајот заврши во инвалидска количка и на апарат за дишење поради проблеми со белите дробови. Тој, исто така, имаше тешкотии да зборува.
Зад Френк Фариан останаа четири возрасни деца во Германија и САД.