Почина првенката на Македонската опера и балет, Анастасија Низамова Мухиќ,, информираше нејзината матична куќа.
„НУ Национална опера и балет со длабока тага и жалење ја прими веста за заминувањето на оперската првенка Анастазија Низамова (1948 – 2022), мецосопран во Националната опера и балет.
Анастазија Низамова беше една од водечките имиња на македонската оперска сцена. Дипломирала соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Коста Трпков, а подоцна специјализирала во Италија.
На оперската сцена на МНТ дебитирала со улогата на Ненси во операта „Алберт Херинг“, а официјално се вработува во 1972 година. Во текот на 70-тите години, Анастазија Низамова го презема речиси целиот мецосопрански фах, суверено интерпретирајќи повеќе од 20 главни и споредни улоги од својот фах, во кои манифестира извонредни гласовни квалитети и префинето чувство за артизам. Од позначајните улоги, се издвојуваат Кармен во истоимената опера, Амнерис во „Аида“, Мадалена во „Риголето“, Адалџиза во „Норма“, Орфеј во „Орфеј и Евридика“, Розина во „Севилскиот бербер“, Улрика во „Бал под маски“, Еболи во „Дон Карлос“, Лола во „Кавалерија Рустикана“, Ирена во „Цар Самоил“, Чипра во ,,Баронот циганин” и многу други.
Анастазија Низамова ќе остане запаметена и како чест изведувач на концертниот подиум, реализирајќи повеќе соло-рецитали и настапувајќи во повеќе вокално-инструментални дела. Покрај оперската музика, таа, со особено изразен темперамент се јавува и како интерпретатор на многубројни џез-композиции и спиритуали.
Длабоко сочувство до семејството.
НУ Национална опера и балет“.