Во 117 година од животот, почина Шпанката Марија Брањас Морера, најстарата личност во светот, која преживеа две светски војни и две пандемии.
„Нè напушти Марија Брањас. Почина онака како што сакаше – во сон, мирно и без болка“, напишаа членови на нејзиното семејство на нејзиниот профил на платформата Икс.
Гинисовата книга на рекорди ја запиша Марија Брањас како највозрасна личност во светот во јануари во 2023 година, по смртта на Французинката Лусил Радон.
Марија Брањас Морера е родена на 4 март во 1907 година во Сан Франциско, помалку од четири години по летот на браќата Рајт и две години пред почетокот на изградбата на Титаник.
Морера во Барселона ги преживеа Првата светска војна, Шпанската граѓанска војна и Втората светска војна, како и пандемијата на Шпанска грозница. Се смета дека е највозрасна личност која успеала да се опорави од ковид-19 со кој се зарази во мај во 2020 година. Има три деца, 11 внуци и 13 правнуци.
Според Гинисовата книга на рекорди, најдолговечна личност на сите времиња е Французинката Жана Луиза Калман, родена на 21 февруари во 1875 година, која живееше 122 години и 164 денови.