Легендарната југословенска актерка која по распадот на земјата својата професионалан кариера ја градеше во САД, Мира Фурлан, почина на 65-годишна возраст, пренесува „Variety“.
Таа починала во средата, 20 јануари, но информацијата беше објавена денеска.
Веста ја потврди и нејзиниот пријател, авторот на американската научно фантастична серија „Бабилон 5″, Мајкл Страчински, во која Фурлан ја играше амбасадорката Минбари Делен.
„Ноќ на голема тага, бидејќи нашата пријателка и другарка тргна по патот каде не можеме да ја достигнеме. Но, како и за сите нешта, со време ќе ја стигнеме и верувам дека таа ќе има многу приказни и многу нови улоги што ќе ги сподели со вселената”, објави Страчински.
Мира Фурлан беше истакната актерка во Хрватскиот народен театар во Загреб, но во 1980-тите стана една од најпрепознатливите и најавтентични југословенски филмски актерки. Во тој период од нејзината работа, таа постигна исклучително успешни филмски улоги како оние во филмовите „Киклоп“ (1982) на Антун Врдоjак, „За среќа се потребни тројца“ (1986) на Рајко Грлиќ, филмот „Убавината на порокот“ (1986) на Живко Николиќ и други.
На почетокот на распадот на Југославија, Фурлан замина во Америка, каде што исто така продолжи да игра значајни улоги. Најзначајните и секако најпопуларните достигнувања во кои таа играше улоги се планетарно популарните телевизиски серии „Babylon 5“ и „Изгубени“.