Иконата на француската шансона, Жилиет Греко почина во 94 година од животот, соопшти нејзиното семејство.
– Жилиет Греко почина опкружена со своите сакани и во својот дом во Раматие. Имаше искчлучителен живот, наведоа роднините.
Кон средината на 40. години од минатиот век, романописецот Роман Кено и филозофот Жан Пол Сартр ги напишаа песните што и го донесоа првиот голем успех на Греко во нејзината блескава кариера. Пееше песни на Жак Превер, на Бертолд Брехт, на Борис Вијан, на Франсоа Саган и на Серж Гензбур. По настапите во легендарните париски кабареа, замина за Њујорк каде стекна светска слава. Во автобиографијата „Жижиб“, нејзин прекар од детството, таа пишува за апсењето на нејзината мајка и сестра во Втората светска војна поради што и политички се ангажирала.
По бракот со џез трубачот Мајлс Дејвис, Греко имаше уште неколку. Се омажи со актерот Филип Лемер, потоа со Мишел Пиколи и на крај со Жерар Жуан. Во 2015 година одржа проштална турнеја што ја нарече „Мерси“ и која траеше 12 месеци.
Во животот доби и две улоги на филмското платно – во филмовите „Орфеј“ во 1950 година на Жан Кокто и осум години подоцна во „Добар ден таго“ на Ото Премингер.