Скопјанката којашто во вторник била затруена на семеен ручек починала од последиците на труењето, а сопругот и свекрвата се во лоша здравствена состојба. Според првичните сознанија од Клиниката за Токсикологија, се работи за труење со „метомил“ пестицид, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето кое беше кобно за 47-годишната жена. Познато е само дека питата со брашно и со праз ја правела бабата, но истрагата треба да покаже како овој силен отровен пестицид се нашол во јадењето.
Инаку, „метомил“ е инсектицид и е опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава. Познат е и како „ Ланата“.
Случајот веднаш бил пријавен и во полиција.
-На 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени три лица од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје, соопшти полицијата.
Токсикологот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија вели дека причината за смртта на една жена и опасната затруеност на уште две лица, што се случи по јадењето на пита со праз, не е ниту брашното, ниту пак празот, туку, според него, одговорите треба да се бараат кај МВР.
-За да не се шири непотребен страв кај населението, причината за фамилијарното труењето и за жал еден изгубен живот со пестицидот метомил (карбамат), попознат како ланате, не е ниту „прсканиот праз“, ниту брашното во питата, објави Беќаровски на Фејсбук.
Инаку, доволна е една лажичка концентриран прашок од овој пестицид да предизвика смрт на возрасен човек.