По кратко боледување, на 63-годишна возраст, почина Димитар Николов-Таки, поранешен директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола.
Покрај таа функција, Николов беше познат и како културен деец и филмски продуцент.
Димитар Николов-Таки е роден на 10 февруари 1958 година во Скопје. Заврши гимназија во „Цветан Димов“, во скопската населба Чаир, каде што и живееше. Дипломираше на Историја на Филозофскиот факултет во Скопје.
Николов во 2015 година беше поставен за директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а кај љубителите на филмот ќе остане запаметен како најскромниот директор на фестивалот.
До 2000 година живее и работи во Амстердам, по што се враќа во Македонија и продуцира неколку филмски проекти, дел од нив ги снимаше и во Битола и низ Мариово, како балкански и европски филмски проекти.
Димитар Николов-Таки беше продуцент на филмовите „Тајната книга“ , сценарио на Јордан Плевнеш и режија на Владо Цветановски, „Ах љубов моја“, „Жената на мојот живот“.