На детското одделение при струмичката болница вчера починало деветмесечно дете од село Банско, а со правовремена интервенција на полицијата е спречен инцидент, откако еден од роднините на детето бурно реагирал обвинувајќи ги лекарите за смртта на детето.
“Детето во болницата било донесено во многу тешка состојба и покрај обидите за реанимација од страна на лекарите тоа починало. Обезбедувањето на болницата навреме ја повикало полицијата и е спречен поголем инцидент. Јас ја разбирам тагата на блиските, но никој нема право да реагира како што не треба – вели за МИА директорот на болницата, д-р Наќе Гогов.
Инаку, вчера претпладне се случи голем инцидент на инфективното одделение во болницата, кога група од дваесетина граѓани украдоа мртовец. Пациентот, откако бил примен во тешка состојба, по дваесет минути починал, а дваесетина граѓани од Турското маало во Струмица насилно го извлекле починатиот сосе кревет надвор во дворот на болницата, го дигнале од креветот и го префриле преку оградата, го ставиле во комбе и се упатиле во непознат правец.