Почина Зоран Џорлев, еден од најдобрите македонски виолинисти, вокален изведувач, и професор. Според негови блиски, Џорлев веќе некое време се лекувал од корона, но, за жал, неговиот организам не успеал да се избори со болеста.
Зоран Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминал детството. Уште во раното детство започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“. Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност.
Познат е по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Џорлев беше професор по виолина и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Во јануари 2011 тој беше назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде остана до август 2017 година.