Француската филмска легенда Ален Делон почина на 88 години.
„Тој почина мирно во својот дом во Души, окружен со неговите три деца и неговото семејство“, стои во соопштението објавено од новинската агенција АФП.
Делон беше во лоша здравствена состојба во изминатите години и живееше повлечено, а последен пат се појави во јавност во мај 2019.
За Французите, Делон е ултимативниот филмски гран фау (голем ѕвер) кој ја шармираше Европа и го трасираше патот во текот на 1960-тите, глумејќи во хитови како Роко и неговите браќа (1960) и Леопард (1963), објави неодамна Би-Би-Си на српски.
Детството и адолесценцијата на Делон биле болни и проблематични, што веројатно оставило свој белег на последователното градење на односите со неговите синови.
Роден е во предградијата на Париз во 1935 година.
Имал само четири години кога неговите родители се развеле, а тој завршил во згрижувачко семејство.
Како момче бил бунтовник.
Се пријавил во морнарицата и учествувал во воени операции во Индокина, но бил изведен пред воен суд поради кражба на џип.
Во Париз во доцните 1950-ти, тој живеел меѓу проститутки и гангстери пред неговиот изглед да го одведе во светот на филмот, објави Би-Би-Си во јуни оваа година.