Почина македонскиот актер Љупчо Тодоровски –Упа. Покрај со актерство Тодоровски се занимаваше и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија.
Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и безброј разни други сценски настапи.
Љупчо Тодоровски –Упа е роден во Скопје, 02.05.1956, а бавењето со глума го доживува како фрлање зрак светлина во туѓите животи. Еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, воден од творечкиот немир, предизвикот на големиот град и можност за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува 10 години… Го „пече“ занаетот крај искусни и водечки југословенски актери настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 год. покрај актерството, се бави со филмска и ТВ продукција, пишување на сценарија и избор на актери…