На 81-годишна возраст денеска почина академик Момир Харалампие Поленаковиќ, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Академик Момир Харалампие Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот од 1990 до 1997 година бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжил да работи во областа на медицината и со своите трудови и научноистражувачката работа да придонесува во оваа област.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите беше избран на 26 јуни 1997 година, а во периодот 2004 – 2007 година беше нејзин потпретседател. Во периодот 2011 – 2017 год., Поленаковиќ беше раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ.
По повод неговата смрт, Македонската академија на науките и уметностите и Медицинскиот факултет при УКИМ ќе одржат комеморативна седница преку видеоконференциска врска.