Правобранителот за Велес, Борче Пинев е починатиот донатор на органи, потврди за „Фокус“, министерот за здравство Венко Филипче.
Имено, утрово на Клиниката за Урологија беа експлантирани два бубрега од 46 годишен пациент кај кој вчера беше потврдена мозочна смрт, соопштија од Министерството за здравство.
“Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35 годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација. За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодарувам на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два животи, изјави Филипче.
Пинев починал вчера, по пет дена лекување на КАРИЛ во Скопје, по несреќа откако паднал од дрво.
Тој беше именуван на функцијата државен правобранител за подрачје Велес во 2012 година. Зад себе остави сопруга и две малолетни ќерки.
Инаку, на 23 мај од починат дарител, Емилија Динева од Дојран, беа трансплантирани срце и бубрези.