Композиторот Тоде Новачевски, автор на најпопуларните песни на поп дуетот Маријана и Росана, вчера почина во Мелбурн, Австралија, по повеќегодишно тешко боледување. Новачевски, кој имаше 66 години, ја загуби повеќегодишната борба со карцином.
Неговата поранешна сопруга, Маријана Новачевска, сподели трогателна објава на Фејсбук.
„Рековме ЗБОГУМ. Сакам песно моја да те испеам, сета болка своја, како солза да ја слеам… Одлетај песно моја моја гулабице, побарај ведро небо за мојот бол на срце… Почивај во мир Тоде мој… таму некаде каде болки и премрежја не постојат.“
Нејзината сестра Росана, исто така, со емотивни зборови се збогуваше од Новачевски.
„Нашиот композитор, еден и единствен. Човекот кој ни ги подари најубавите евергрини на сите времиња, скромен, голем, татко на моите внуци си замина во вечноста. Сега заедно со нашиот брат ГОРЕ некаде нека компонираат, музицираат, бидејќи музиката им беше живот… Голема благодарност и почит ДО НЕГО! Спомените за него и неговите песни секогаш ќе бидат во моето срце. Тивко живееше, тивко и си замина. Почивај во мир мој Тоде“, напиша Росана на Фејсбук.