Во Белград се одвива судењето на Мика Алексиќ, професор по глума кој заврши во притвор поради силување на неколку девојчиња.
Вчера сведочеше актерката Милена Радуловиќ, една од првите актерки која излезе во јавноста со приказната за ужасите што се случиле на часовите по глума на Алексиќ.
Во еден момент судењето мораше да биде прекинато поради однесувањето на адвокатот на Мика Алексиќ, Зоран Јаковљевиќ, пишува Блиц.
Јаковљевиќ започнал со еден куп прашања поврзани со тоа дали Милена разговарала со адвокати пред да ја поднесе кривичната пријава против Алексиќ, алудирајќи на тоа дека таткото на Ива Илинчиќ, уште една од жртвите, е адвокат.
„Не поканив ниту една од девојките кои доживеале сексуално насилство, а забележувам дека познавам уште многу од нив, да учествуваат во извештајот. Сметав дека тоа е нивен избор“, рече таа и именуваше една девојка за која рече дека ја познава и дека Алексиќ сексуално ја вознемирувал, на што адвокатот гласно се насмеал.
„Па, таа ме поправа, а јас ѝ објаснувам“, почна да вика, а потоа продолжи: „Судија, ти постојано ме прекинуваш!“ Судијата го опомена, но адвокатот продолжи со излагањето, па судењето било прекинато 15 минути.
Милена Радуловиќ во своето сведочење упати бројни обвинувања кон Алексиќ.
„Кога првпат ми се случи, бев во шок, не можев да си објаснам, се обидов да си објаснам дека тоа е некаков тест. Кога ме допре, се исплашив, чувството на такво предавство. Човекот на кого му верував направи нешто толку болно, мислев дека ме казнува, се чувствував валкано. Потоа дојдоа заканите. Тој тоа го пренесе со љубезен тон. Ме претепа, ја удрив главата во шкафот, сите го видоа. Тој ми удри шлаканица, сите ракоплескаа после тоа мислејќи дека тоа е вежбање“, рече таа.
Таа рече дека се плаши од Алексиќ затоа што „ја повредил како никој досега“ и дека не била сигурна на што е способен. Милена истакна и дека Алексиќ ја „тепал“ и дека уживал во нејзината болка и плачење.
На распитот таа рече дека за другите жртви дознала откако го напуштила училиштето. Таа зборуваше и за средбата што ја имала со другите жртви на насилство во декември. „Разговаравме за тоа дека треба да кажеме што ни се случува. Дека родителите на децата што го посетуваат училиштето за актерство мора да знаат“, рече таа.
За потсетување, сопственикот на школата за глума, режисерот и сценарист Мирослав Мика Алексиќ (68) беше приведен во 2021 година откако неколку жени го пријавиле за силување или сексуално вознемирување.