Британската пејачка Мел Би (48) проговори за периодот кога останала со само 700 фунти на сметката и морала да „почне од почеток“ откако го напуштила насилниот партнер, пишува „Метро“.
Поранешната членка на групата „Спајс грлс“ изјави дека спиела со трите деца во ист кревет и дека пазарела во маркети како „Лидл“ по колапсот на нејзиниот десетгодишен брак со Стивен Белафонте.
Двојката се венча во 2007 година, по што ја добија ќерката Медисон (12). Пејачката ја има и 25-годишната ќерка Феникс (25), со поранешниот сопруг Џими Гулзар, и ќерката Ејџел (16), која ја доби за време на кратката врска со актерската легенда Еди Марфи.
Мел Би го обвини нејзиниот поранешен сопруг за психичко, емоционално и финансиско злоставување, но тој ги негираше овие обвинувања.
По разводот во 2018 година, пејачката се врати во родниот град Лидс и се пресели во куќата на нејзината мајка Андреа, заедно со децата. Сега за првпат проговори за тешкотиите со кои се соочила во тој период од животот.
„Луѓето претпоставуваа дека имам пари затоа што бев дел од ‘Спајс грлс’. Но, откако настапив пред илјадници луѓе на Вембли на собирот на ‘Спајс грлс’ во 2019 година, решив да живеам во куќата на мајка ми и да спијам со децата во ист кревет. Не очекував дека ова ќе ми се случи во моите 40-ти по толку успешна кариера, но немав каде да одам“, изјави таа.
Таа, исто така, рече дека била принудена „да ги склопи парчињата од својот живот“ по разводот на бракот и битката за старателство, поради што останала со само 700 фунти на својата банкарска сметка.
Мел објасни дека морала да направи значителни промени во навиките за трошење и тајно купувала во продавници со попуст, и покрај тоа што наводно собрала богатство од 38,3 милиони фунти.
„Со години немав купено ниту половина литар млеко во Лос Анџелес, но дома купував на големо во ‘Костко’ и продавници како ‘Алди’ и ‘Лидл’“, продолжи таа.
Сепак, таа рече дека луѓето не ја ни забележувале во нивниот локален супермаркет затоа што било време на коронавирусот и таа, како и сите други, носела маска.
За среќа, таа набрзо повторно застана на нозе.
Пејачката претходно откри дека често зборува со своите ќерки на тема „доверба“ по разделбата со Белафонте.
„Бев толку засрамена, многу ми беше срам да го поднесам злоставувањето. Но, кога излегов од таа врска, сите членки на ‘Спајс грлс’ беа тука за мене. Постојано ми се јавуваа, одев кај нив, беше многу убаво. Многу ми олесна кога, конечно, проговорив за тоа“.
„Мислев дека мојата кариера ќе заврши доколку отворено зборувам за тоа во мојата книга, која на почетокот немав ни намера да ја објавам. Но, ќерка ми рече: ‘Размисли за тоа колку жени поминале низ ова’. Не сум единствената, тоа е вистинска епидемија. Добро е што го направив тоа“.