Триесет и деветгодишна македонска државјанка на граничниот премин Гуешево меѓу Македонија и Бугарија поминала со голема брзина без дозвола од надлежните органи предизвикувајќи големи штети, јавува дописникот на БГНЕС.
Според бугарската агенција, државјанката одбила да застане за преглед на граничниот премин, ја искршила рампата, а не застанала ни на сигналот од граничната патрола веднаш после границата.
Таа не застанала се до влезот на градот Ќустендил, каде што удрила во едно возило, а потоа и во уште едно службено полициско возило.
Од таму посочуваат дека со оглед на тоа дека жената била во лоша состојба, била повикана Брза помош, при што лекарите утврдиле дека има повишена телесна температура.
„Државјанка на Република Северна Македонија преминала преку граничниот премин Гуешево без дозвола од надлежните органи на 15 мај. Таа не ги испочитувала полициските наредби, не застанувајќи на сигналот даден од неа од полицајците на граничниот премин. Потоа запрела во Ќустендил. Во меѓувреме, додека возела, странската државјанка оштетила и две полициски возила. Со оглед дека жената била во лоша состојба, била повикана Брза помош, при што лекарите утврдиле дека има повишена телесна температура. Исто така, и бил направен и брз тест за ковид-19, а и била земена крв за проверка на нивото на алкохол и опојни средства. Во моментот таа е префрлена на лекување во болница во градот“, соопштиле од ќустендилското обвинителство.