Изработката, односно замена на личните документи од страна на граѓаните ќе поскапи, откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи што во наредниот период треба да стапи во сила откако ќе се објави во Службен весник, дознава „Фактор“.
Со новите цени, за пасош ќе плаќаме 500 денари поскапо и ќе изнесува 2000 денари. Цената за пасошите за млади до 27 години ќе остане како и сегашната – 1500 денари. За лична карта ќе плаќаме 120 денари повеќе или 310 денари, додека за возачка дозвола 410 денари.
За вадење на пасош по брза постапка ќе се плаќа 1600 денари повеќе или 6100 денари, додека за возачка дозвола 1230 денари.
Македонските граѓани имаат рок до февруари следната година, за промена на сите лично документите, каде треба да биде впишано новото име на државата што произлезе со Преспанскиот договор.