Некогаш познат по пивото, градот Пурс сега доби водечка улога на светската сцена благодарение на фармацевтската стратегија на Белгија.
Пурс е општина лоцирана на 30 километри од Брисел која опфаќа четири гратчиња и има вкупно 17.000 жители. Повеќето од нив се вработени во индустриската зона, по која овој крај е познат во деловните кругови. Пурс е дом на неколку фармацевтски компании, вклучувајќи ја и северноамериканската Фајзер.
„Во компанијата Фајзер работат околу три илјади луѓе и тоа е мошне битно за локалната економија. Имаме невработеност од само три отсто и тоа е еден од најдобрите резултати во Белгија благодарение на Фајзер и на другите фармацевтски компании, во кои, заедно со Фајзер, работат повеќе од пет илјади луѓе“, вели градоначалникот Коен ва Дер Хојвел.
Жителите на Пурс не го кријат задоволството дека се познати низ целиот свет.
„Навикнав на фармацевтските компании овде, ги има неколку. И, се разбира, секој познава барем некого што работи во некоја од тие компании“.
„Направивме вакцина во Фајзер, па овде има многу активности и многу радост. Мислам дека ова може да им донесе доста добро на жителите на ова место“, велат мештаните.
Сепак, тоа не значи и дека жителите на овој град ќе бидат привилегирани и први ќе ја добијат вакцината што ќе се прозиведува во нивниот град. Многу жители на Пурс се надеваа на такво нешто, но тоа беше брзо отфрлено од градоначалникот, кој ја опиша желбата на своите граѓани како „невозможна“.
Инаку,првите 800.000 дози вакцини против ковид-19 се транспортирани во Велика Британија од фајзеровата фабрика во Пурс. Во овој погон во следните месеци ќе се произведуваат стотици милиони дози, кои потоа ќе се транспортираат низ целиот свет.