Познатиот поранешен фудбалер, а денес успешен тренер кој работи со младите категории играчи, Игор Кралевски, во последно време е особено активен на два терена – на фудбалскиот и на политичкиот. Покрај успешното ангажирање како тренер на јуниорите на Вардар со кои постигнува завидни резултати, неговото име се почесто се спомнува во рамки на активностите на Комисијата за спорт на ВМРО-ДПМНЕ.
-Точно е дека решив малку повеќе да се ангажирам политички бидејќи можам да дадам свој придонес и на тој план. Тоа не значи дека ќе го ставам фудбалот во втор план, туку напротив, ќе останам активен во работата со јуниорите со кои засега бележиме само врвни резултати. Имаме одлична генерација која полека расте, созрева и верувам во овие деца дека еден ден ќе блеснат на фудбалското небо. Што се однесува до политичкиот ангажман, јас сум веќе подолг период активен, пред се во Комисијата за спорт, за која сум убеден дека можеме многу да придонесеме за развојот на спортот и на младите воопшто во Македонија. Младите се нашата иднина и ако правилно им се пристапи и им се даде вистинската шанса тие ќе знаат да го ценат тоа и да дадат врвни резултати на спортскиот терен – вели популарниот Крале.
Инаку, вредно е да се одбележи дека Кралевски имаше богата фудбалска кариера во земјава и странство, а забележа и настапи за македонската фудбалска репрезентација во периодот од 2005 до 2010 година. Како фудбалер познат по својата храброст и бескомпромисност да биде столб на одбраната секаде каде што играл, во Македонија има настапувано за повеќе наши прволигаши, а во својата меѓународна кариера забележа настапи за сплитски Хајдук во Хрватска, и Луч Енергија во Русија. По завршувањето на кариерата реши да влезе во тренерските води, а веќе извесен период работи како тренер на јуниорите на Вардар со кои постигнува одлични резултати.