На поранешната министерка за внатреши работи Гордана Јанкулоска, како и на другите осуденици од женски пол им е оневозможено да ги користат законските погодности коишто ги имаат затворениците мажи, неодамна посочи Комисијата за заштита од дискриминација, а на оваа тема во петокот вечерта во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат, говореше и сопругот на Јанкулоска, адвокатот Влатко Илиевски.
Нејзиниот сопруг вели дека таа во затворот „Идризово“ секојдневно џогира и се храни здраво, па затоа нема простор за грижа од тој аспект. Но, Илиевски вели дека како семејство имаат можност да се гледаат само трипати месечно по еден час.
„Мајка ми на 75 години мораше да упадне, практично таа се пресели кај нас и ја игра улогата на мајка. Морам да ги поздравам и да се заблагодарам на воспитувачките и учителките во градинката каде што оди, го прифатија како свое дете и свесни за тоа што му недостига во животот, се обидуваат и тие, на еден или на друг начин, да му го компензираат тоа со грижата што му ја даваат во градинка. Така што, се снаоѓаме“,вели Илиевски.
Јанкулоска во „Идризово“ е сместена во соба наспроти онаа во која казна издржува Катица Јанева, некогашната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое ги поднесе обвиненијата против поранешната министерка. Тие, како што рече Илиевски, имаат комуникација, но најчесто за дневни потреби, а не во однос на обвиненијата.
Сопругот на Јанкулоска, на прашањето дали ексминистерката за внатрешни работи чувствува каење за тоа што била дел од систем што ЕУ го нарече „заробена држава“ и што до крај му остана верна соработничка на Никола Груевски, вели дека таа „има чувство на каење што не си заминала порано од политиката, бидејќи тој труд и време што го одвојувала за министерството со кое раководела и со ангажманот во партијата, можела да го канализира во други работи со кои денеска би имала полагоден, поубав и комфорен живот“.
Јанкулоска е осудена на четири години затвор за случајот „Тенк“.