Актуелниот тренер на Гостивар и поранешен селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Марјан Србиновски (44 години), во моментов е во болница со сериозни, но не и животно загрозувачки повреди, откако пред неколку дена имал тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Гостивар – објави спорт 1.мк
Србиновски во моментов е во една од скопските болници каде што ја добива најдобрата можна нега, а прогнозите на лекарите се дека во скоро време ќе успее пак да застане на нозе и да се врати на тренерската професија.
Според информациите до кои дојде спорт1.мк, автомобилот во кој бил популарниот Марче бил уништен до непрепознатливост, а поранешниот селектор имал неверојатна среќа што минал само со повреди.
Да биде малерот поголем поврзан со прволигашките тренери доаѓа и информацијата за сообраќајна незгода на предводникот на Кожув и актуелниот помошник-тренер во македонскиот национален тим, Александар Јончевски. Тој вчера возејќи се на моторцикл беше удрен од товарно возило „Виктори Џиоти“, по што неговата сопатничка минала со тешки телесни повреди, а тој минал нешто полесно иако потоа на двајцата им била укажана лекарска помош.