Погребот на Евгениј Пригожин се одржа вчера под велот на тајноста и строго обезбедување на гробиштата во Санкт Петербург, една недела откако шефот на „Вагнер“ наводно загинал во авионска несреќа.
И покрај тоа што Русија официјално објави дека Пригожин загинал во несреќата, остануваат шпекулациите дали тој воопшто бил во авионот, а некои сугерираат дека погребот и официјалните изјави всушност биле дел од добро разработена измама.
Во сето ова се вклопува теоријата објавена од „Дејли мејл“, која тврди дека сопругата на озлогласениот Евгениј Пригожин, видена на неговиот погреб во вторникот, всушност била сопруга на неговиот двојник.
Станува збор за Љубова Пригожин (52), повлечената сопруга на воениот водач, или барем така се веруваше.
Но, подоцна, некои руски медиуми тврдеа дека жената видена на погребот во Санкт Петербург всушност била Ирина Красавина, сопругата на неговиот главен двојник Леонид Красавин.
Инаку, за време на церемонијата не беше изложено ниедно тело, а околу гробиштата беше поставен круг вооружени стражари за да се спречи некој да се приближи до гробот.
Присуствуваа само неколку одбрани гости, меѓу нив и наводната вдовица и ќерката на Пригожин.
“Денес, сепак, сомнежите за прикривање дополнително се поттикнати од тврдењата на Телеграм каналот База, познат по врските со руските безбедносни служби.
„Новинарите првично ја помешаа сопругата на двојникот на Пригожин (Ирина Красавина) со вистинската вдовица на шефот на Вагнер (Љубова)“, објави База. До гробот ја придружувала Полина Пригожин (31), постарата ќерка на Пригожин.
Телеграф не можеше самостојно да ги потврди овие тврдења.
Според „Проект“, независен руски медиум, Леонид Красавин е барем еден од познатите двојници на Пригожин кои ги користел шефот на „Вагнер“.
Ова било утврдено кога при претрес во неговиот дом биле пронајдени три пасоши на име на Пригожин, но со фотографии на Красавин, каде биле откриени и слики на Пригожин со разни маски.
„Проект“ пишува дека Красавин е поранешен затвореник од Санкт Петербург кој го сменил целото име за да стане истоименик на шефот на „Вагнер“.
Појавувањето на „сопругата“ на Красавин беше сосема неочекувано, особено што доаѓа во време кога официјална Москва се обидува да ги прикрие околностите на несреќата, одбивајќи да ја истражи според меѓународните правила.
Кремљ негираше дека учествувал во несреќата во која според официјалните податоци загинале десет лица.