Бранко Героски утрово поднесе оставка на позицијата главен и одговорен уредник на „Слободен печат“, а за тоа го известил Мирослав Јовановиќ, косопственик и управител на весникот по пет и пол години откако е формирано гласилото.
Како причина за оставката тој го наведува несогласувањето со менаџментот за уредувачката политика на весникот.
„Сепак, за жал, во текот на еден подолг период, јас, сопствениците и менаџерите на „Слободен печат“ различно гледаме на прашањето на уредувачката политика, на потребата на кој начин еден слободарски весник треба да негува критички однос кон властите во насока на засилени заложби за добро и одговорно владеење. Со мојата упорност и настојчивост, кои често погрешно беа толкувани како тврдоглавост, егоцентричност и дури и неодговорност, јас сепак успеав во сиов овој период да ја одржам автономијата на уредувачката политика, како една од клучните вредности на нашиот весник. Но, во многубројните разговори што ги водев со менаџментот на компанијата, од ден на ден стануваше јасно дека нашите разлики се ближат до степен на непремостливост во овој момент“, вели Героски.
Најверојатно новиот уредник на Слободен Печат ќе биде Злате Лозановски.