Во земјава живеат 1.836.713 лица, од кои 58,44 отсто Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, покажуваат податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година.
Државниот завод за статистика (ДЗС) вчера ги објави податоците од спроведениот Попис 2021. Од вкупното резидентно население во земјава, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи.
Според возрасната структура, најголем процент од населението се во возрасната група од 40-44 години. Во земјава се попишани 51 лицe на возраст над 100 години.
Македонскиот им е мајчин јазик на 61,38 % од попишаните, албанскиот на 24,34 %, турскиот на 3,41 %, ромскиот на 1,73 %, влашкиот на 0,17 %, српскиот на 0,61 % српски, а босанскиот на 0,85 %.
Помалку 186 илјади жители
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто.Бројот на вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица. Резидентно население е 1 836 713, а нерезидентно 260.606.
Од вкупниот број попишани резидентни жители, 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.
Како Бугари се изјасниле 3.504 лица, што е 0,19 отсто од вкупното резидентно население.
Од неризедентното население, пак, опфатено со пописот, 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци.
Од вкупно попишаното население, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.
Православни 46,14 проценти, муслимани 32,17, попишани и 13.21 отсто „христијани“
Според религиската припадност, 46,14 % од резидентоното население во земјава или 847.390 лица се изјасниле како православни, 590.878 (32,17%) како муслимани, 6.746 (0.37%) како католици, а 242.579 (13,21%) се издвоени во посебна група како „христијани“, покажуваат пописните резултати што ги објави Државниот завод за статистика.
Како протестанти се декларирале 1.313 лица, а како посебни религиски групи се посочени и евангелско-протестанстки христијани 8.764, евангелисти-методисти 889, евангелсисти 678, адвентисти 371, баптисти 70, реформисти 50, јеховини сведоци 1.137.
Има и 74 припадници на еврејско (мојсиева) заедница, 96 харе кришна и 894 будисти.
Како атеисти се изјасниле 355, а агностици 1 964 лица.
Непопишани над 132 илјади граѓани
Во резидентно население се вклучени и 132.269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1.836.713 лица. Податоците за нив, како што објасни директорото на ДЗС Апостол Симовски, се преземени од административни извори и во нив нема податоци за етнички или верски карактеристики.
Бројката од 132.269 лица, според него, не е голема, со оглед на околностите во кои е спроведен пописот, а тоа е ковид-пандемијата, отсуството на граѓаните поради одмори, но и поради отворениот и скриениот бојкот.
Тој вели дека не можат сите овие лица да бидат казнети за неучество во пописот, со оглед на тоа што, како што рече, не се знае дали го бојкотирале, дали се плашеле од пандемијата, дали не биле во државата или пак не се попишани од некоја друга причина.
Според него, оние што повикуваа на бојкот, но не исклучиво само заради тоа, постигнаа да имаме еден контигнент на население за кое немаме информации.
– Тие кои се одзвале на повикот за бојкот беа изманипулирани граѓани. Секој оној кој повикуваше на бојкот, во суштина правеше само лошо. Тие што повикуваа на бојкот, не и мислат ништо добро на државата и тоа се покажа сега во суштина, подвлече Симовски.
Повеќе домаќинства и станови, просечното семејство е тричлено
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а на станови 839.174. Бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто. Од презентираните резултати, просечно домаќинство брои 3,06 члена.
Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.
Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1 674.
Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.
Речиси третина од населението живее во Скопје
Вкупниот број на жители во Град Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.
-Бројот на домаќинства во град Скопје изнесув а 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти, соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите.
Зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.
Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.