Никогаш не сум можел да разберам зошто квантитетот, а не квалитетот на населението отсекогаш бил најдрагоцениот ресурс во односот на народите на Балканот. Зошто размножувањето во семејствата и споредбата со бројот на децата на првиот сосед е главниот чинител во меѓунационалните односи? Значи, не се спори околу тоа кој што направил, напишал или компонирал, туку за тоа дека во посочен град, село или регион има толку од нашите, а толку од нивните.
Пописот е најмасовната статистичка операција, но во исто време и релативно едноставна. На часовите по историја имаме учено за пописите на населението во античките царства, во Кина, Месопотамија, во Римската република и како тоа позитивно влијаело врз развојот на овие рани цивилизации во историјата. Нема тука ништо спектакуларно. Излегуваат луѓе на терен и во текот на денот поминуваат одреден број домаќинства. Бројат колку луѓе живеат на одредена адреса, колку квадратни метри има недвижноста во која се наоѓаат. Во одредени ситуации попишувачите може да имаат задача да дознаат и за тоа дали доколку во семејството има дечиња, тие спијат во своја соба? Па, на каков систем и на какво гориво се греат домашните и дали имаат функционален оџак. Попишувачите знаат во одредени ситуации да прашаат и за степенот на образование на испитаниците, за тоа дали се вработени, дали работат според струката и во кој опсег се движат месечните примања на семејството.
Тоа се многу битни податоци, кои откако ќе се обработат се непроценливо богатство во процесот на анализа и изработката на националната стратегија за развој на економијата, планирањето на образованието, здравствените капацитети, одбраната, социјалната политика и сè друго што можеме да го замислиме во едно општество.
Е, да, луѓето задолжени за попис прашуваат и за националната припадност и тука се јавува проблем. Проблемот е дотолку поголем, што на властодршците им е поедноставно да се откажат од спроведување попис отколку да ризикуваат големи политички кризи. Токму таков е случајот во Македонија, каде што обемот на одредена нација, го означува и обемот на нејзините права и бенефиции. Според Охридскиот договор, беше врамено дека секоја етничка група која брои повеќе од 20 проценти од вкупната популација се здобива со одредени права на државно ниво, кои значително се поголеми од правата што ги уживаат припадниците на помалите етноси.
Нормално дека Охридскиот договор не е совршен, бидејќи во 2001 година тоа беше изнудено решение за двете страни во конфликтот, кои се најдоа под силно меѓународно медијаторство. Тогаш тешко беше да се претпостави дека демографската иднина на земјава ќе изгледа до толку лошо. Според податоците на Светска банка, земјава во последните десет години трајно ја напуштиле повеќе од 600 илјади луѓе. Цело едно Скопје. Па затоа во моментов политичките партии оправдано стравуваат дека соодносот помеѓу најголемите етнички групи е нарушен.
Никој жив не може да знае колку Албанци живеат во Македонија, но знам доколку има малку повеќе ум во оваа земја, тоа нема да биде воопшто битно. Но, битно им е на партиите, бидејќи тие функционираат врз логиката на квантитет, ревносно бркајќи го квалитетот од своите редови. Од ова може да се заклучи дека пописот е корисен само во државите во кои живеат попаметни народи од нашите.
Преземено од Фејсбук