Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) вели дека Владата ги омаловажува и понижува своите вработени и го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата во државата со одлуката за зголемување на минималната плата од 15 на 18 илјади денари.
УПОЗ истакнува дека не можат да го разберат, како што велат, незнаењето на Владата за начинот на пресметка и исплата на плата на сопствените работници.
– Со новата вредност на минималната плата Владата првпат во историјата на Македонија, ќе направи цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималната плата сега да примаат само минимална плата. Со самото тоа, Владата ги омаложува и понижува своите вработени, и второ го зголемува процентот на вработени кои примат минимална плата на државно ниво од 13,8 проценти на скоро 18 проценти, рече претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
До ваквата ситуација, дополни тој, дојдовме поради фактот дека од моментот на воведување на минималната плата во 2012 година па до последното зголемување во понеделникот минималната плата ќе се зголеми за неверојатни 120 проценти, а платите во администрацијата и правосудството од 2012 година досега се зголемени за 9 или 10 проценти. Исто така, во последните години со политиките на Владата во одредени сектори на јавниот сектор платите се зголемени дури до 25 проценти, а платите во администрацијата и правосудството не се зголемија ниту еднаш, посочи Деаноски.
Доколку Владата, наведе, ги почитуваше сопствените закони и вршеше усогласување на платите со порастот на минималната плата, како што е предвидено во членот 8 од Законот за минималната плата до ваквата состојба воопшто немаше да дојде.
Едно од клучните барање на УПОЗ упатено до Владата е заедно со измената на Законот за минималната плата во скратена постапка да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството на начин што вредноста на минималната плата да се земе како основ на плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво.На овој начин, според нив, ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и прв пат во историјата ќе имаме усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството. Во спротивно, тие најавија дека ќе бидат приморени да ја активираат одлуката донесена во ноември и незадоволството на вработените да го изразат преку протести или преку други форми на притисок за други форми на штрајк.