Ракометарите на Вардар викендов ќе играат на својот трет Фајналфор-турнир во Лигата на шампионите и тоа ќе биде главен настан во земјава. До толку е влијателен што го помести концертото на една од најголемите музички ѕвезди кои дошле во Македонија.
Организаторите на концертот на Стинг, „Авалон продукција“, соопштија дека концертот ќе биде поместен само поради шансата Вардар да игра во финалето на Лигата на шампионите.
„Бидејќи постои шанса ракометниот клуб „Вардар“ да игра во финалето на „Финал Фоур“ во недела со почеток од 18 часот, првиот настап вечерта на Влатко Стефановски трио ќе почне во 20:30 часот, додека Стинг ќе го видиме на големата сцена во 22:00 часот. На ваков начин сите оние коишто дури и од дома би го гледале ракометниот пренос, би можеле да стигнат навреме и на концерт“, велат од „Авалон“.
Ова е поместување за половина час, бидејќи концертот оригинално требаше да почне во 20 часот.
Вардар би играл финале в недела од 18 само ако ја совлада Барселона в сабота во истиот термин.