Повеќе од половина, односно 65 отсто од хотелите што работат во текот на целата година и 52 проценти од они што работат сезонски во Грција сметаат дека е веројатна или многу веројатна можноста да банкротираат, според истражувањето спроведено од Комората на грчки хотелиери.
Во истражувањето спроведено од 1 до 10 април биле одговорени 1.779 прашалници и биле вклучени сите хотелски единици во Грција, односно и оние кои работат во текот на целата година и сезонските.
Речиси идентичен став имаат и едните и другите во однос на прометот за 2020 година. 95 отсто велат дека ќе биде намален за 56 отсто, а процените се дека вкупната загуба ќе достигне до 4,5 милијарди евра, од кои 1,2 милијарди се однесуваат на хотелите отворени во целата година, а 3,26 милијарди евра на сезонските.
Паралелно процените се дека може да се загубат 45.142 работни места од кои, 35.041 во сезонските хотели.
Според резултатите од истражувањето, на хотелиерите во Грција потребна им е финансиска поддршка од околу 1,79 милијарди евра.