Полнењето електричен автомобил во Италија денес чини 161% повеќе отколку минатата година – поради цената на електричната енергија, објави италијанската веб-страница Facile.
„Поради зголемувањето на цените на енергијата, во некои случаи, полнењето на електричен автомобил е поскапо отколку традиционален. А, пак, доколку го полните на јавна станица за полнење наместо дома, цените се уште повисоки“, стои во извештајот.
Експертите проценија дека претходните трошоци за полнење на електричен автомобил во државата биле 50-70% пониски отколку полнењето модели на бензин или дизел. Сега, полна батерија на „зелен автомобил“ може да чини и повеќе од полн резервоар гориво.
Истражувањето потенцира дека за мали автомобили од сегментот B, бензин за километража од 1.000 километри би го чинел сопственикот 83 евра. За дизел автомобил трошоците би биле 71 евро. За разлика од нив, автомобил со електричен мотор би чинел 85 евра за да го извози истото растојание, иако пред само една година таа сума изнесуваше само 33 евра.
Според АРЕРА (италијанското Регулаторно тело за енергија, мрежа и околина), во третиот квартал од 2022 година т.н. унифицирани национални цени за електрична енергија се зголемиле за речиси четири пати споредбено со првиот квартал. Согласно тоа, АРЕРА презела дополнителни мерки со цел да го запре идното покачување на цените на струјата. Севкупно, едно просечно италијанско семејство се очекува на струја да потроши во просек по 1.322 евра годишно, додека во 2021 година просечниот трошок за струја изнесувал 632 евра.
Тарифите за струја во Италија забележаа рекорден пораст минатиот месец, надминувајќи 136% на годишно ниво, според студија објавена од Националната унија на потрошувачи. Водечкото лице на главниот енергетски италијански гигант Nomisma Energia минатата недела рече дека Италија, заедно со остатокот од Европа, очекува енергетски шок од невидени размери, бидејќи цените на струјата речиси се удвоија. Според него, Италијанците треба да се подготват за рационално трошење за време на студените зимски месеци. Тој, исто така, апелираше домаќинствата да употребуваат алтернативни методи за греење, како горење дрва и пелети, иако додаде дека и цените за нив се покачени.