Полицаецот од американската сојузна држава Ново Мексико, Закари Кристенсен дал отказ откако била отворена интерна истрага за прекумерна употреба на сила во текот на инцидентот кој се случил во дворот на училиштето Меса Вју. Тој се појави на видео на кое се гледа како употребува прекумерна сила кон 11-годишно девојче кое наводно во школската кантина зело повеќе млеко отколку што ѝ следувало.
На снимките може да се види како полицаецот, после вербалниот конфликт помеѓу девојчето и директорот на училиштето, насилно го одзема нејзиниот ранец, а потоа ја турка на земјата за да ѝ стави лисици на рацете.
Началникот на полициската управа во Фермингтон, Стив Хебе изјави дека однесувањето на полицаецот не е во согласност со стандардите на одделението и нагласи дека „нема изговор за такво однесување“.