Државната секретарка за финансии во Белгија Ева Де Блекер на Твитер по грешка го објавила ценовникот на вакцините против ковид-19. Тоа веднаш го пренел најтиражниот белгијски весник Het Laatste Nieuws. Иако твитот брзо бил избришан, весникот направил скриншот во кој се гледаат цените.
Европската комисија одбива да даде информации за цените на вакцините против ковид-19 кои ги нарачува во името на државите членки. Иако граѓанските организации бараат транспарентност, бидејќи вакцината се плаќа со парите на даночните обврзници, од Комисијата одбивале да ги кажат цените со образложение дека тоа е тајна, бидејќи станува збор за комерцијални договори.
Така вакцините кои ги договори ЕК ќе ги плаќа од 1,78 до 18 евра по доза.
Првата вакцина од произведувачот БионТек/Фајзер ЕУ ја договорила поцена од 12 евра по доза. Бидејќи ќе требаат две дози по лице, вакцинирањето на еден граѓанин со оваа вакцина ќе чини 24 евра.
Најевтина вакцина е таа која заеднички ја произведоа Оксфордскиот универзитет и компанијата АстраЗенека. Вакцината ќе чини само 1,78 евра по доза. Произведувачите на таа вакцина се обврзале дека нема да заработуваат на вакцината.
Ценовник:
Оксфорд/АстраЗенека: 1.78 евра
Џонсон & Џонсон: 8.50 долари
Санофи/ГСК: 7.56 евра
БионТек/Фајзер: 12 евра
CureVac: 10 евра
Модерна: 18 евра
Во меѓувреме, белгиската политичарка го обвинила „комуникацискиот тим“ за грешката, но изјавила дека тоа нема да го загрози снабдувањето со вакцини за Белгија.
Европската комисија сè уште „не сака да коментира“ за цената на вакцината.